Поучни приказни

Професорот кој си даде отказ за да го следи својот сон


Октомври 2009 година 
Погледнав во моите раце кои се тресеа. Застанав со автомобилот. Истите прашања постојано ми поминуваа низ умот: „Што направи погрешно?“, „Како стигна до тука?“, „Што правиш со својот живот“. Така, започнаа солзи да паѓаат...
Депресијата
Веќе 4 години работев како професор по наука во средно училиште во Лос Анџелес, Калифорнија. Имав 26 години, штотуку добиена магистерска диплома. Брзо се движев на скалата на успех, а бев и на чекор да отворам сопствено училиште. Секоја година правев сè повеќе пари. Возев убав автомобил, а моето CV не можеше да изгледа подобро. Сите беа импресионирани. Меѓутоа имаше еден единствен проблем. Си го мразев животот. Секоја вечер лежев разбуден во 2 часот наутро, и никако не можев да заспијам. Постојано ме обземаше вознемиреност, страв и стрес. Ноќ после ноќ, прашањата не запираа, а гласовите не стивнуваа. Што планираш да направиш со својот живот? (Прашање за милион долари)
Мислев дека сакам да го дадам мојот живот на образованието. Мислев дека ова е она што сакам да го правам. Постојано се обидував да пронајдам логика во нештата. Имам добра работа, треба да бидам среќе, направив сè што ми беше кажано... Меѓутоа логиката е глупава тогаш кога води до депресија, вознемиреност и стрес. Со месеци се борев со прашањето: „Што планираш да направиш со својот живот?“ Сега целта во мојот живот беше да дознаам која е мојата цел. Разговарав со пријателите и семејството. Читав книги, постојано решавав квизови за личноста. Секој ден имав нова активност. Волонтирав за моето општество. Моите пријатели ме прашуваа: „Изи, ако не си професор, тогаш што ќе правиш со својот живот?“ Јас на секое вакво прашање само се насмевнував и велев: „Сакам да бидам нинџа“. Целта ми беше да ги насмеам луѓето, меѓутоа еден ден нешто клинка... всушност, оваа реченица воопшто не беше шега.
Што е нинџа?
После 4 месеци од тој надежен октомври, успеав на хартија да го запишам мојот сон.
„Сакам да бидам нинџа... но што е нинџа?“
Добро прашање, нели? Го истражував прашањето и сфатив. Не сакав да бидам традиционален нинџа. Сакав да бидам нинџа каков што замислував кога бев дете. Па потоа се запрашав: „Според мојот 8 годишен мозок, што е нинџа?“ Одговорите дојдоа навистина брзо. Нинџата прави 3 работи: 1. Живее во далечна земја 2. Тренира боречки вештини 3. Ги предизвикува традиционалните правила на животот и работата Дадов отказ, живеам во Јапонија и тренирам боречки вештини 4 часа дневно Во рок од 4 години дадов отказ, заштедив пари, пронајдов работа во Јапонија и започнав интензивно да тренирам боречки вештини. Денес живеам во Кјото, тренирам Аикидо 4 до 6 часа дневно, 5 дена во неделата. Дали сум нинџа? Според техничка дефиниција не... меѓутоа никогаш не сум ни сакал да бидам. Сакав да бидам оној нинџа од моето детство. Пред 4 години бев депресивен 26 годишен професор. Денес се будам со радост, имам цел во животот и мојот живот има некакво значење. Мојата приказна ја споделувам поради една причина. Не дека сум магичен и посебен туку мојот живот е чист доказ дека навистина можеш да ги следиш твоите соништа без разлика на тоа колку изгледаат апсурдно. Ви ги нудам чекорите, а на вас останува да ја искористите можноста.
1 чекор: Одговори на прашањето за милион долари Мислам дека нема ништо поважно од идентификувањето на сопствената цел. Прашањето гласи: „Доколку имате милион долари, што би направиле со вашиот живот?“ Така ќе дознаете што сакате.
2 чекор: Дефинирај го својот сон Откако ќе дознаеш што сакаш да правиш, креирај концизна дефиниција за твојот сон.
3 чекор: Утврди го првиот чекор Откако ќе дознаеш каде сакаш да одиш и која е твојата цел, тогаш мораш да го утврдиш твојот прв чекор.
4 чекор: Преземи го првиот чекор Акцијата е онаа која прави разлика. Светот ги наградува луѓето кои прават нешто, а не луѓето кои размислуваат да направат нешто.
5 чекор: Започни да штедиш Започни да штедиш за во иднина да можеш да го реализираш твојот сон.
6 чекор: Размислувај, адаптирај се и реагирај Како што ќе започнеш да ја преземеш акцијата, ќе научиш голем број неверојатни работи за себе, но најважно од сè е дека ќе научиш од грешките.


Кога ќе пораснам сакам да бидам… 

Се рекло (и целосно го поддржувам ова), дека самите луѓе не се свесни за тоа за што сè се способни, некогаш ќе дојдеш во таква ситуација во животот и ќе изреагираш како суперхерој. На пример, ќе го научиш целиот материјал една ноќ пред испит и се чувствуваш појако и од Супермен. Ќе се послужам со пример од еден стенд-ап комедијант кој неретко ме импресионира. Човечкото тело е чудесно, создадено за толку многу работи, може да помине толку многу пречки, створено да освојува златни медали на долги патеки, да претрча и преплива маратони, да се искачува на планини… а нас нè мрзи да појдеме до продавница. „Па не знам зошто имаш тело на човек, подобро да имаше тело на фока!“
Зошто спиеме кога знаеме дека среќата не доаѓа при успаните? Зошто не станеме, не го искористиме нашиот мозок и не направиме едно БУМ? Па која сум јас, лесно е само да го кажам ова… Ама си ветив дека ќе си го исполнам детскиот сон.
Наивно ли е да сакаш да си го исполниш сонот од детството? Сме сонувале дека сакаме да бидеме балерини, пилоти, писатели, учителки… Велат дека детските соништа се најискрени, невини и исконски. Она што најпрво си сакал да бидеш. А од друга страна, некои ќе речат дека биле неразумни, недоволно осмислени, несериозни. Нашите детски соништа се уништуваат во истиот момент кога ќе допрат до реалноста, во моментот кога почнуваме наголемо да мислиме на пари. И ќе останеме заробени во свет кој не ни одговара, каде ќе работиме по шема, а што со нашите скриени страсти за животот?
Враќајќи се наназад низ годините станувам гневна (а не сакам да сум дел од оние кои се гневни, немав таков концепт за себеси), гневна на сите оние на кои им е работа да ги откриваат скриените страсти и таленти, а не го прават тоа. Работите одат напред кога се раководени од луѓе кои својата работа ја вршат со задоволство, а не механички. Парите се битни, ама најбитно е да имаме некој скриен, поголем мотив. Сите тие психолози и педагози по основните училишта, кога би одвојувале секој ден макар по половина час од своето скапоцено време резервирано за кафе и цигари, и би ги повикувале учениците на разговор со цел да откријат за што се талентирани и да ги насочат кон одредена идна професија, немаше ние младите да се изгубиме себеси. Ако не успееш сам да си се пронајдеш во нешто – готов си, стануваш дел од шемата.
Да докажеме зошто сме благословени со тела на луѓе, а не на фоки, да ги докажеме нашиот капацитет и нашата способност. Да му дозволиме на детскиот сон да влијае врз нашата животна професија, и што и да работиме во иднина да го работиме со љубов. Тоа е клучното решение.
„Кога ќе одбереш твојата професија да биде нешто што навистина те исполнува, нема да потрошиш ниеден ден од животот работејќи.“

 

No comments:

Post a Comment